Кога ќе помислам на црвено
ми текнува на фустан
кој цврсто ги гушнал облините околу кои се обвиткал
мамејќи восхитени погледи од сите в просторијата.
Кога ќе помислам на црвено
ми текнува на црвени усни,
полуотворени во вечна нема воздишка,
која сите посакуваат да е наменета за нив,
сонуваат за тоа,
копнеат.
Кога ќе помислам на црвено
ми текнува на осамена роза,
која чека да го исполни своето значење
лесно висејќи од нечија треперлива рака.
Кога ќе помислам на црвено
ми текнува на тој невидлив оган,
кој гори в надеж дека ќе се спои со пламенот спроти него
па заедно да го создадат вителот на страста.